Екипата на Оклахома Сити Тандер е нов првак на НБА лигата откако во „мајсторката“ од финалната серија ја победи Индијана со 103-91.
Натпреварот беше решен благодарение на одличната игра на домашниот тим во третата четвртина што ја доби со 34-20, но клучен момент на мечот беше тешката повреда на најдобриот играч на Пејсерс, Тајрис Халибартон кој уште во првата четвртина ја скина Ахиловата тетива и повеќе не се врати на теренот.
И без својата првата ѕвезда, Индијана долго време беше во игра, на крајот од првото полувреме имаше предност од еден разлика (48-47), но целосно падна во третиот период и тоа скапо ја чинеше. Оклахома на стартот од последниот период направи +22 (90-68) и тука веќе беа решени сите дилеми околу победникот.
Сосема очекувано, за МВП на финалната серија беше прогласен Шеј Гилџес Александер кој за малку не одбележа уште меч со 30+ поени, но заврши со 29, плус 12 асистенции и пет скока.
Ова е втора шампионска титула за Оклахома Сити Тандер во историјата, но првата е освоена кога франшизата се викаше Сиетл Суперсоникс, во 1979 година.


