Најмладиот тренер во Суперлигата, со неполни 29 години, воодушеви во својата дебитантска сезона во елитната конкуренција.
Откако лани го внесе Маџари во Суперлигата, оваа натпреварувачка кампања отиде чекор понатаму и обезбеди место во плејофот како четвртопласиран во основниот дел од сезоната што ги надмина сите очекувања и на кошаркарската јавност и на луѓето од клубот. Маџари заврши со биланс 11/11 и покрај тоа што на првата победа чекаше дури до петтото коло. Во првите четири круга доживеа исто толку несреќни порази, им даде силен отпор на МЗТ Скопје и МКК Куманово, со Пелистер играше две продолженија, а потоа минимално загуби од ТФТ.
Сепак, во натамошниот дел од првенството, Маџари под водство на Тодоровиќ одигра извонредно, оствари неколку важни победи, од кои се издвојуваат онаа против Кожув во Гевгелија и 15-кратниот шампион Работнички.
Сето ова придонесе, младиот стручњак, кој до пред две години беше дел од стручниот штаб на МЗТ Скопје, да биде прогласен за тренер на годината во изборот на КОШ.МК.


