Кошаркарскиот тренер Антонио Савевски од Охрид загина синоќа во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа на магистралниот пат Охрид–Кичево, откако патничко возило излетало од коловозот и се запалило.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила околу 23:30 часот, кога возило „Хјундаи Гец“ со охридски регистарски ознаки удрило во кучиња скитници, а потоа во металните браници покрај патот. По ударот, возилото се запалило.
Савевски (33 години) беше еден од најпознатите тренери на младински категории во Македонија. Последниот ангажман го имаше во тимот на Ангели каде минатата сезона ја водеше кадетската екипа, а претходно работеше во Вардар, Водно Санс и Охрид.
Познат беше и по пасијата за собирање дресови и, според сопствено признание, во својата колекција имаше над 400 дреса.


