Македонскиот шампион МЗТ Скопје в среда го игра вториот натпревар од ФИБА Европа купот, повторно на домашен терен.
Противник е естонскиот тим Тарту кој не може да се пофали со добри резултати на почетокот од новата сезона и се чини дека МЗТ е со добри шанси да дојде до првата победа. Тарту во своите редови нема многу познати играчи, но македонската јавност, особено повозрасните љубители на кошарката, добро го познаваат тренерот на овој тим.
Станува збор за Ајвар Кусма, жива легенда на естонската кошарка, поранешен репрезентативец со блескава, повеќе од дводецениска играчка кариера во која, меѓу другото, играше и за Панатинаикос. Познат беше по својот убиствен шут од далечина. Неговата играчка кариера го достигна врвот во 1993 година, кога стана клучен предводник на својата репрезентација.
На 30 мај 1993 година во Вроцлав, Естонија се соочи со Македонија во рамките на дополнителните квалификации за Европското првенство кои тогаш беше организирани поради распадот на СССР и СФР Југославија. На овој натпревар, кој воедно беше прв историски официјален меч за македонската селекција, Естонците славеа со 74-60, а во главната улога беше токму Кусма. Постигна 23 поени и беше незапирлив за нашите кошаркари кои тогаш го забележаа првото репрезентативно искуство. Кусма беше и еден од најдобрите играчи на квалификациите, со просек од 20 поени на натпревар, па како резултат на своите настапи, тоа лето го направи фамозниот трансфер во Панатинаикос и во грчкиот тим остана три години.
Македонија на тие квалификациите не успеа да оствари ниедна победа бидејќи подоцна загуби и од Романија и од Хрватска.
Што се однесува до Кусма, тој е еден од најуспешните естонски кошаркари, во сениорска конкуренција влегол на само 16 години, освојуваше титули со сите клубови каде што играл, а еден од најголемите успеси му е титулата во првенството на СССР со Калев во 1991 година, во конкуренција на силните ЦСКА и Жалгирис. Тренерската кариера не му е толку блескава бидејќи никогаш не ги надмина границите на Естонија.
Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Тарту се игра в среда од 18:30 часот во „Јане Сандански“. Тарту е најуспешен естонски тим со 27 шампионски титули, но тука се сметаат и трофеите освоени пред Втората светска војна. Во првото коло од ФИБА Европа купот, естонскиот тим на домашен терен загуби од Џики со 76-103.


