Иако на домашен терен доби лекција и неочекуван пораз, тренерот на Сутјеска, Марко Симоновиќ тврди дека денеска ќе биде израмнето во серијата со ТФТ.
Поранешниот кошаркар на Црвена Звезда е сигурен во победа на неговиот тим кој атакува на пласман во АБА лигата и на финале во домашното првенство. Дури, во неговата изјава нема никаква дилема, категорично тврди дека Сутјеска ќе слави во Скопје.
„Ние ќе го добиеме денешниот натпревар. Го почитуваме ТФТ, тие се одлични луѓе, играчите и тренерот се одлични, им посакувам се најдобро од дното на моето срце. Но, одиме во Скопје за да го добиеме тој натпревар“, рече Симоновиќ.
Ако се оствари неговата најава, Сутјеска и ТФТ идната недела во Никшиќ ќе играат „мајсторка“. Ако проработи инаетот на ТФТ и дојде до уште една победа, идната недела против Широки ќе ја почне финалната серија од АБА 2 лигата.


