Кошаркарскиот клуб Шкупи прв од македонските прволигаши се одлучи на тренерска смена во новата сезона и со взаемен договор, ја прекина соработката со својот досегашен предводник Тони Симиќ.
И покрај разделбата, двете страни остануваат во пријателски односи. Откако Симиќ се заблагодари за коректната соработка во претходните 13 месеци, истото го направи и раководството на клубот.
„Му благодареиме на досегашниот тренер Тони Симиќ за целиот придонес кој го даде за Кошаркарскиот клуб Шкупи. Му посакуваме успеси во натамошната кариера, како и во приватниот живот. Ти благодариме, Тони“, објавија од чаирскиот прволигаш.
Клубот засега нема да назначи нов шеф на стручниот штаб, а екипата ќе ја води тренерско трио во состав: Никола Божиновски-Фаик Мифтари-Ндерим Багавци. Следен предизвик за Шкупи е дуелот против Вардар на кој ќе ја бара првата победа во сезоната, по трите порази во пресметките со МЗТ Скопје, Работнички и Чаир.


