Екипата на Тренто се најде на милиметри од пласман во плејофот од Еврокупот откако вечерва на домашен терен убедливо го победи лидерот во својата група Бешикташ, со 87-74.
Домаќините беа речиси постојано во водство, разликата во последната четвртина изнесуваше и 21 поен, но во финишот турскиот тим успеа да го ублажи дебаклот и да се избори за прифатлив пораз. Дури и да дојде до подобар биланс во меѓусебните дуели бидејќи на домашен терен славеше со 14 разлика. По некомплетното 16. коло, Тренто има биланс 10/6 и три победи повеќе од седмопласираниот Улм кој има и меч помалку.
Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски одигра извонреден натпревар и оствари дабл дабл со 15 поени и 10 скока за безмалку 27 минути на теренот. Дури 12 од своите 15 поени, тој реализира во првото полувреме, а со ова го израмни неговиот втор најдобар ефект во Еврокупот.


