Екипата на Тренто испушти историска шанса да се пласира во полуфиналето од Еврокупот иако имаше навистина огромна можност да го направи тоа.
Во единствениот меч од четвртфиналето на ова натпреварување, Тренто загуби од Бешикташ со 76-77, а до последната секунда беше во игра барем за продолжение. Се чинеше дека фаворизираниот турски тим без проблеми ќе се пласира во следната фаза откако во третата четвртина поведе со 11 разлика, но драмата во Истанбул тукушто почнуваше.
Тренто полека ја топеше негативата, се до последната минута кога го презеде водството и поведе со 75-73. Бешикташ успеа да погоди четири слободни фрлања и да ја врати предноста на 77-75, но последниот напад го имаше Тренто. На секунда пред крајот Џордан Баје беше фаулиран, ама погоди само едно слободно фрлање и Бешикташ се израдува на победата и на пласманот во полуфиналето каде ќе се сретне со ривалот од турското првенство Бахчешехир.
Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски на теренот помина 23 минути и постигна еден поен, но се истакна во одбраната и во скокот имајќи предвид дека прифати пет топки и беше меѓу најдобрите на мечот во оваа статистичка категорија.


