Македонската репрезентација денеска се враќа во Скопје, а утре треба да се знаат детали за повредата на капитенот Војдан Стојановски.
Легендарниот кошаркар не го доигра вчерашниот меч против Азербејџан поради болки во задната ложа на кои се пожали уште во втората четвртина. На почетокот тој беше најрасположен наш играч, со седум поени во првиот период, но не смееше да ризикува посериозна повреда на релативно неважен меч.
За утре е планиран преглед на повреденото место на Војдан по што ќе се знае дали и колку би требало да паузира. Неговата повреда доаѓа во исклучително незгоден период за МЗТ Скопје, кога шампионот го очекуваат неколку важни битки на домашен и меѓународен план.
Веќе в сабота во „Јане Сандански“ гостува Пелистер и не е исклучено МЗТ на тој натпревар да биде без својот капитен. Во вторник, на 10 март следува најважниот меч сезонава, на гости кај Широки во АБА 2 и на шампионот му е неопходна победа за да се пласира во плејофот од регионалното натпреварување, а со тоа и да ги продолжи надежите за место во елитната АБА дивизија. Непосредно по враќањето, на 12 март е планирано дербито против ТФТ што ќе биде директен дуел за првото место на табелата.


