Македонската У20 репрезентација со максимални три порази ја заврши групната фаза од Европското првенство во Полска.
По Шпанија и Турција, подобра од нашата селекција беше и Белгија која попладнево славеше со 86-59. Овие 27 поени разлика се најмалку со кои македонската репрезентација загуби на ова првенство.
За разлика од претходните два меча, во кои Македонија добро почнуваше, па потоа паѓаше, сега уште од стартот зариба, па во цела прва четвртина постигна само четири поени (16-4), сите дело на капитенот Симиќ. Белгија направи серија од 13-0, а дури потоа македонската репрезентација почна да игра нешто. До крајот на полувремето беше рамноправна и разликата не се зголеми за дури во последната четвртина Белгија да отиде и над +30.
Теодор Симиќ и Петар Бошалески со по 14 поени беа најефикасни во македонската репрезентација, а двоцифрен беше уште Јовановиќ со 13, па тие тројца постигнаа две третини од поени на Македонија на овој меч.


