По вчерашната бура од соопштенија, Пелистер и Работнички денеска на теренот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе ја продолжат својата меѓусебна „војна“.
На програмата е четвртиот натпревар од полуфиналната серија, при резултат 2-1 за актуелниот вицешампион кој ќе има можност пред своите гледачи да стави крај и да го обезбеди третото финале во низа во домашниот плејоф. Ако се случи тоа, трет пат по ред ќе играат истите ривали во серијата за титулата бидејќи МЗТ Скопје веќе го елиминира ТФТ со 3-0 и го закажа своето 12. финале по ред.
Пелистер ги има сите услови да му се придружи на шампионот бидејќи освен тоа што игра на домашен терен и ќе ги има навивачите на своја страна, самодовербата е на високо ниво по добрите настапи на претходните три меча. Битолчани завршија огромен дел од работата со брејкот во Кале на стартот од серијата и сега само треба да го одбранат својот паркет. Кај Работнички е малку покомплицирана ситуацијата бидејќи по одличниот период во кој тимот нанижа 15 победи и беше без пораз повеќе од четири месеци, на површина повторно излегоа слабостите од почетокот на сезоната. Ако Горан Самарџиев, секако со помош на кошаркарите, успее да ги елиминира, Работнички не е без шанси во четвртиот меч, особено ако се знае дека сезонава веќе еднаш го победи Пелистер во Битола.
Натпреварот во Битола се игра од 18:30 часот, Пелистер пушти во продажба влезници по цена од 100 денари. Ако домаќинот вечерва победи, финалната серија против МЗТ Скопје најверојатно ќе ја почне веќе в недела, во „Јане Сандански“. Во случај на триумф на Работнички, викендов во Кале ќе се игра „мајсторката“.


