Актуелниот светски шампион Германија е првата репрезентација што официјално обезбеди пласман во осминафиналето од Европското првенство.
Денеска Германците ја прегазија и Литванија и ја надминаа границата од 100 поени и во третото коло од Еуробаскетот. Шредер и компанија славеа со 107-88 откако вчера славеа против Шведска со 105-83, а во првото коло и против Црна Гора со 106-76.
Фантастично функционираше шутот од дистанца на германската репрезентација, кошаркарите погодија 19 тројки со што го израмнија рекордот на европските првенства, па победата на овој тим во ниеден момент не беше доведена во прашање. Литванците тотално разочараа, единствено Рокас Јокубаитис беше на ниво, а потфрли Валанчиунас кој и не помина многу време во игра, помалку од 20 минути затоа што рано влезе во проблеми со лични грешки.
Кај Германците блескаше триото Шредер-Вагнер-Тајс кое заедно постигна 73 поени, додека Јокубаитис беше најефикасен кај Литванците со 20 поени.


