Дисциплинската комисија на Грчката лига му изрече суспензија на контроверзниот сопственик на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос.
Суспензијата е со важност од три месеци, но реално ќе трае најмногу два натпревара бидејќи во тек е финалната серија од првенството во која Олимпијакос води со 2-1. По нејзиното завршување, завршува и сезоната во Грција, а новата почнува кон крајот на септември.
Суспензијата за Јанакопулос значи дека тој не може да присуствува на останатите финални натпревари, освен како обичен гледач, а ќе треба да плати и 30 илјади евра, додека неговиот клуб е казнет со 50 илјади. Одлуката е донесена поради бурните реакции на сопственикот на досегашните натпревари и двата пораза на ПАО по кои ги обвини судиите, како и кошаркарската организација.
Во изјава што ја објави на Инстаграм, Јанакопулос дури и се закани дека нема да ги пушти своите кошаркари да играат за грчката репрезентација. Четвртиот меч од финалната серија се игра вечерва во Пиреја и Олимпијакос има шанса да дојде до шампионската титула.


