Откако лани беше прогласен за МВП на финалната серија, македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ сега е многу блиску до нова голема награда – играч на сезоната.
Тоа го откри генералната директорка на ВТБ лигата, Илона Корстин според која плејмејкерот на Уникс е прв фаворит.
„Се разбира, МВП наградата оди кај кошаркар од првопласираниот тим, тоа е наше правило. Сега Уникс е на чело и ако остане таму, тогаш признанието сигурно ќе го освои Димитријевиќ. Ненад има одлична сезона, постигна по 30+ поени во дуелите со директните ривали и е лидер на тимот во најтешките моменти. Ако има некои промени, во конкуренција се Акун-Пурсел од Локомотив Кубан, Винс Хантер од Зенит, како и Каспер Вер и Мело Тримбл од ЦСКА“, изјави Корстин во интервју за Спорт експрес.
До ваквиот развој на настаните, Димитријевиќ го делат уште три кола, колку што има до крајот на основниот дел. Уникс има една победа повеќе од ЦСКА со тоа што овие две екипи се среќаваат во последното коло, на 13 април.


