Никола Јокиќ продолжува да испишува историја во НБА лигата.
Српскиот центар го забележа својот 200. трипл-дабл во регуларниот дел од сезоната, предводејќи го Денвер до победа од 104-91 на гостувањето кај Њу Орлеанс.
Јокиќ го заврши натпреварот со 21 поен, 13 скока и 10 асистенции, уште еднаш потврдувајќи дека е еден од најкомплетните кошаркари во светот. Ова беше негов втор трипл дабл во новата сезона.
На врвот на историската листа и понатаму е Расел Вестбрук со 209 трипл дабл ефекти. Тоа значи дека на Јокиќ му недостигаат уште девет за да го израмни рекордот, а десет за самостојно да се искачи на првото место.
Денвер ја започна средбата фуриозно, добивајќи ја првата четвртина со 37-18. Предноста во еден момент достигна и 22 поени, но Њу Орлеанс се врати во игра и во последниот период се доближи на само пет поени негатива.
Тогаш на сцена стапи Џамал Мареј, кој со тројка и продор го одби налетот на домаќините. Кристијан Браун потоа погоди важни шутеви од далечина и помогна Денвер да ја осигура победата.
Мареј беше најефикасен во победничкиот тим со 23 поени и 11 асистенции, додека Арон Гордон додаде 15 поени и 11 скока. Кај Њу Орлеанс најдобар беше Зион Вилијамсон со 25 поени, а Дерик Квин забележа 11 поени и 12 скока.
РЕЗУЛТАТИ:
- Детроит – Шарлот 97-89
- Мајами – Атланта 129-117
- Филаделфија – Индијана 114-109
- Кливленд – Вашингтон 121-111
- Торонто – Орландо 129-99
- Денвер – Њу Орлеанс 104-91
- Голден стејт – Минесота 119-114
- Хјустон – Милвоки 132-100
- Њујорк – Чикаго 133-127
- Сан Антонио – Јута 117-111
- Далас – Оклахома сити 120-96
- ЛА Лејкерс – ЛА Клиперс 103-87


