Лос Анџелес Лејкерс го доживеа вториот пораз во низа и значително си ги намали шансите за второто место на табелата во Западната конференција.
Бруклин не требаше да биде голем проблем, но сепак славеше на домашен терен со 111-108, па Лејкерс сега имаат две победи помалку од второпласираниот Денвер. Тимот од Лос Анџелес имаше предност и од 15 разлика, ама во клучните моменти се почувствува отсуството на Леброн Џејмс кој во текот на викендот доживеа повреда на препоните и ќе биде надвор од тимот уште десетина дена.
Лука Дончиќ се обиде да го покрие неговото отсуството, го оствари вториот трипл дабл откако дојде во Лејкерс, постигнувајќи 22 поена, 12 скока и 12 асистенции, но шутираше очајно од поле (8/26).
Нетс со оваа победа ја прекинаа серијата од седум порази, но и натаму се со минимални шанси за пласман во плејинот бидејќи заостануваат пет победи зад Чикаго Булс, на 18 меча пред крајот на основниот дел од сезоната.


