Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика внимание со коментар за еден од најконтроверзните потези во НБА во последните години – трејдот со кој Лука Дончиќ во февруари 2025 година го напушти Далас и се пресели во Лос Анџелес Лејкерс.
Трамп, говорејќи пред присутните во арената на Далас Маверикс, призна дека не може да разбере зошто менаџментот на франшизата се решил на таков потег и даде исклучително остар суд за целата трансакција.
„Не го разбирам трејдот. Што знам јас за кошарка? Би рекол дека тоа нема да биде запаметено како најдобриот трејд во историјата на спортот. Всушност, можеби ќе биде најлошиот трејд во историјата на спортот. Но, можеби можам да го поништам, редовно поништувам договори. Мораме да ја поништиме. Не ја разбирам таа зделка. Знаете како понекогаш ги разбирате работите? Јас ги разбирам. Но, оваа не ми е јасна. Се надевам дека некој од Далас ќе успее да ми ја објасни“, порача Трамп.
Трејдот се случи во февруари 2025 година, кога Далас го испрати Дончиќ во Лејкерс, заедно со Макси Клебер и Маркиф Морис. Во спротивна насока пристигнаа Ентони Дејвис, Макс Кристи и пик од првата рунда на драфтот во 2029 година. Одлуката на Маверикс уште од самиот почеток предизвика неверување низ НБА-лигата. Дончиќ тогаш имаше 25 години и веќе беше еден од најдобрите кошаркари во светот, а претходната сезона го предводеше Далас до големото финале на НБА.
Со текот на времето критиките кон Далас само се засилија. Нико Харисон, тогашниот генерален менаџер кој го реализираше трејдот, подоцна беше отпуштен, додека Маверикс сезоната ја завршија со 26 победи и 56 порази. Единствена голема утеха беше освојувањето на првиот пик на драфтот и изборот на Купер Флаг.
Во меѓувреме, Дончиќ продолжи да блеска во дресот на Лејкерс. Во сезоната 2025/26 просечно постигнуваше 33,5 поени, 7,7 скока и 8,3 асистенции по натпревар и повторно беше избран во идеалниот тим на НБА.


