Два дена откако доби отказ од Мемфис Гризлис, поранешниот МВП во НБА лигата, Дерик Роуз објави крај на својата професионална играчка кариера.
Во пензија заминува по 16 години во најсилната кошаркарска лига во светот и како најмлад МВП во историјата на НБА. Беше избран како прв на драфтот во 2008 година од Чикаго Булс, таму ги помина првите осум сезони во кариерата, во 2011 го освои МВП признанието, но веднаш потоа почнаа проблемите со повреди ои го забавија неговиот развој и го спречија да стане еден од најдобрите во историјата.
Кон крајот на април 2012 година ги скина предните вкрстени лигаменти и потоа никогаш повеќе не успеа да се врати на претходното ниво. Потоа уште неколку пати се повредуваше, следуваа трејдови во Њујорк, Минесота, Кливленд, Детроит и Мемфис, но никаде не играше како во Чикаго.
„Кошарката секогаш беше и секогаш ќе биде моја прва љубов. Како тинејџер, имав цел да станам НБА играч и успеав во тоа. Ова не е збогум за играта која ја сакам, ова е ‘благодарам’“, напиша Дерик Роуз.
Своите најголеми успеси тој ги оствари со американската репрезентација со која беше светски шампион во 2010 и 2014 година.


