Последното коло од главната фаза на Европското првенство, кое се игра денеска и утре, носи неколку интересни пресметки кои директно одлучуваат за конечниот пласман во групите.

Денеска дерби на денот е дуелот меѓу Турција и Србија кој ќе одреди кој ќе го освои првото место во групата А. Тоа не само што носи релативно полесен противник во осминафиналето, туку и најверојатно ќе носи на страната од ждрепката каде не се наоѓа Германија, репрезентација која е светски шампион и која досега најмногу покажа од сите учесници на Еуробаскетот. Меѓу другото, Германците сите досегашни четири меча ги завршија со над 100 постигнати поени.
Германија денеска игра против Финска и тој место исто така одлучува за тоа кој ќе биде прв во групата Б, но за планетарниот шампион има една поволност која дури и во случај на минимален пораз го остава на челната позиција. Тоа е високата победа против Литванија и поразот на Финска од истата селекција, па Германците можат да си дозволат и неуспех до 11 разлика што и не е баш реално дека може да се случи иако секогаш се можни изненадувања.
Двата дуела кои одлучуваат за првото место во групите А и Б се играат во вечерните термини, па тогаш ќе се знае конечниот пласман на табелите, како и првите четири двојки во осминафиналето.


