Машката јуниорска репрезентација на Македонија доживеа уште еден убедлив пораз на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Хрватска.
Во првиот меч од борбата за пласман од 9. до 16. место, нашите кошаркари загубија од Финска со 77-98 и останува да се борат за 13. место што значи дека во генералниот пласман сигурно ќе бидат во втората половина имајќи предвид дека учествуваат 22 репрезентации. Одлучи катастрофалното прво полувреме во кое повторно до израз дојде лошата одбрана на македонската репрезентација со 55 примени поени по што немаше враќање.
Конкретно, решавачка беше серијата од 19-0 на Финска при крајот на втората и почетокот на третата четвртина по која скандинавците поведоа со огромни 30 поени разлика (57-27) и сето тоа во период од околу пет минути во кои нашите кошаркари не постигнаа ниеден поен. Третиот период беше најдобар за македонскара селекција, во неа постигнаа 32 поена, но тоа не смени ништо драматично бидејќи Финците знаеја како да ја задржат стекнатата предност и мирно да го приведат мечот кон крајот. Мора да се има предвид и дека Финците имаа обилна судиска помош и изведоа 43 слободни фрлања, наспроти само 18 на нашата селекција.
Цветковски беше најефикасен во македонската репрезентација, со 20 поени, Данев постигна 15, ама најдобар играч беше капитенот Ѓорѓевиќ кој постигна седум поени, шест скока и неверојатни 15 асистенции што е рекорд во досегашниот дел на првенството.
Македонските јуниори ќе се обидат викендов да го поправат впечатокот и барем да го освојат 13. место. Следен противник е Исланд со кого се среќаваат утре од 15 часот.


