Македонскиот суперлигаш Пелистер денеска го заврши својот настап во ФИБА Европа купот со дуелот против Керавнос на домашен терен.
Битолчани загубија со 74-92 и со биланс од една победа и пет порази ставија крај на дебитантското учество во ФИБА натпреварувањата. Во следниот период Пелистер ќе може да се фокусира на настапите во домашната кошарка и на остварување на главната цел – освојување на еден од трофеите.
Очигледно беше дека гостите се дојдени во Македонија за да ја однесат победата, па уште кон средината на првата четвртина направија предност од 14 поени разлика (22-8). Во вториот квартал беше и 45-25, а потоа дојде најдобриот период во играта на Пелистер кој направи серија од 11-0 и се доближи на девет поени негатива. За жал, тоа беше се од нашиот тим кој повеќе немаше сили да се натпреварува со противникот, во финишот од мечот Керавнос поведе и со 29 поени разлика (92-63) за потоа Пелистер да направи серија од 11-0 и да се избори за пристоен пораз.
Кевин Дејвис со 16 поени беше најефикасен во тимот на Пелистер, Вилсон постигна 15, а Малешевиќ 14 поени.


