Репрезентацијата на Хрватска ја освои титулата на Б-Европското кадетско првенство што последните десетина дена се одржа во Гевгелија и Скопје.
Во вечерашното финале во салата „26 Април“ во Гевгелија, Хрватите го совладаа Исланд со 69-67 во убедливо најтесниот натпревар што го одиграа на овој шампионат. Двете селекции се сретнаа и во групната фаза и тогаш Хрватска славеше со 27 поени разлика.
Херој на младите хрватски кошаркари беше синот на селекторот, Лука Лени Укиќ, не само поради тоа што постигна 27 поени, 11 асистенции и шест скока, туку и поради тоа што ја погоди клучната тројка на две секунди пред крајот на мечот. Исланѓаните беа на чекор од сензационален триумф, требаше да го издржат само последниот напад на противникот кој почна на шест секунди пред крајот, но Укиќ погоди тројка од аголот за триумф и титула на неговата репрезентација.
Покрај Укиќ, се истакна и Фран Страхија кој постигна 17 поени и 12 скока, додека кај Исланд се истакна Атли Харалдсон со 18 поени и 12 скока.
И покрај поразот, Исланѓаните обезбедија пласман во А-дивизијата, исто како и Естонија која во мечот за бронзениот медал беше подобра од БиХ со 83-67.


