Хрватска го освои Б-Европското првенство за кадети, а нејзиниот најдобар поединец Лука Лени Укиќ го доби признанието за најкорисен кошаркар на турнирот.
Укиќ беше клучниот човек во драматичната финална победа на Хрватска над Исланд со 69-67. На две секунди пред крајот погоди тројка за победа со која ѝ го донесе трофејот на својата репрезентација. Натпреварот го заврши со 27 поени и 11 асистенции.
Тинејџерот зад себе остави одличен турнир, кој го заврши со просек од 22,7 поени, 3,4 скока и 6,4 асистенции по натпревар, со индекс на корисност од 20,4. Покрај МВП признанието, Укиќ е и предводник на Ол-стар петорката на првенството.

Во идеалната петорка место најдоа и неговиот соиграч од Хрватска Никша Злопаша, Исланѓанецот Атли Харалдсон, Естонецот Берт Мартин и репрезентативецот на Босна и Херцеговина Мак Омеровиќ.
Омеровиќ беше еден од најдобрите стрелци на првенството со просек од 21,9 поени, 6,6 скока и 4,6 асистенции, додека Харалдсон имаше 14,5 поени, 9,5 скока и 1,8 блокади по натпревар.
За Хрватска, титулата воедно значи и враќање во А-дивизијата, откако во финалето со драматичен триумф го совлада Исланд. Македонија, како домаќин на првенството, го заврши настапот на 14. место.


