Победата на Милвоки против Далас на мечот одигран ноќеска, донесе една необична ситуација во НБА лигата.
Бакс го обезбедија второто место на табелата во рокот предвиден за тренери на Ол стар натпреварот, па Док Риверс ќе го води Истокот на спектаклот на 18 февруари во Индијанаполис. Бостон е прв, но тренерот Џо Мазула лани беше тренер на Ол стар мечот и нема право сега повторно да седи на клупата.
Риверс ја доби оваа можност и покрај тоа што само три натпревари го водеше Милвоки бидејќи минатата недела го наследи Ејдријан Грифин. До Ол стар мечот, бројката ќе достигне десет бидејќи има уште две недели, но во секој случај ова е преседан во НБА лигата. Да биде иронијата поголема, на првите три меча, Риверс доживеа два пораза, а првата победа ја оствари токму синоќа, против Далас. За волја на вистината, ни самиот стручњак не е воодушевен од сето ова и смета дека не е фер тој да биде тренер на Истокот кога друг му ја завршил работата.
„Ова навистина изгледа лошо. Треба да постои правило некој да биде таму, а не јас. Мислам дека ќе ги испратам моите помошници и ќе отидам на одмор. Ќе му го предложам тоа на Адам Силвер, веројатно ќе разбере“, изјави Риверс по синоќешниот натпревар.
Ако, сепак, не биде прифатен неговиот предлог, тој ќе стане петти тренер во историјата кој презел екипа сред сезона и потоа стигнал до Ол стар натпреварот. Последен од нив беше Тајрон Лу во 2016 година кога го наследи Дејвид Блат на клупата на Кливленд. Сепак, ниеден од претходниците на Риверс немал помалку натпревари за да ја оправда честа да води Ол стар екипа. За тренерот на Милвоки ова ќе биде четврти Ол стар меч како тренер во кариерата, по 2008, 2011 и 2021 година.


