Лидерот на табелата во Првата македонска кошаркарска лига ТФТ се наоѓа на прагот на уште едно големо засилување со кое ќа го продолжи атакот по трофеите во домашната кошарка.
Како што неофицијално дознава КОШ.МК, пред потпис со клубот од Тафталиџе се наоѓа македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ кој неодамна го напушти шпанскиот третолигаш Прат и одлучи да се врати во земјава. Тој веќе неколку дена тренира со ТФТ и се очекува само да стави потпис на договорот со некогашниот освојувач на Купот на Македонија.
Ако се случи тоа, ТФТ ќе добие добие фантастично засилување под кошевите и ќе гi растовари Страхил Николов и Дејвид Хотон кои не се класични центри, а играат на таа позиција поради недостиг на високи играчи. Освен тоа, ова ќе биде одлична можност за 20-годишниот Симиќ да ја достигне посакуваната форма и, евентуално, на крајот од сезоната повторно да замине во странство.
За него ова ќе биде прв сениорски ангажман во Македонија откако во тинејџерските денови ја напушти земјава и се пресели во Барселона каде настапуваше во младинските категории. По заминувањето од Каталонија, играше за Борац Бања Лука, а сезонава ја почна во Прат од каде доаѓа во ТФТ. Летоска се поврзуваше со МЗТ Скопје, но до договор не дојде бидејќи Симиќ одлучи да се врати во Шпанија. Не е исклучено до сабота тој да биде регистриран во Кошаркарската федерација на Македонија и да биде на располагање на Боро Смилковски за дербито против Работнички.


