Акиле Полонара продолжува со закрепнувањето по трансплантацијата на коскена срцевина по дијагнозата миелоидна леукемија (карцином на белите крвни клетки) од минатиот јуни.
Иако во исклучително тешка состојба, италијанскиот кошаркар во текот на овие тешки месеци, тој не ја криеше својата желба да се врати на теренот. Пред два дена се објавени нови информации за него, а според она што го сподели со јавноста, кошаркарот е многу блиску до конечна победа против тешката болест.
„Ќе имам операција на 20 февруари и се надевам дека во март ќе се вратам на кошаркарските терени. Тука сум за да победувам, па затоа сум подготвен да направам што и да му треба на тимот. Се надевам дека ќе се пензионирам што е можно подоцна, но, по она што го поминав, ништо повеќе не ме плаши. Бев на работ на смртта. Не велам дека се чувствувам непобедлив, но се наоѓам пред победа“, изјави Полонара
Тој потпиша со Динамо Сасари минатото лето, во голема мера симболичен гест од страна на сардинискиот клуб, кој, сепак, никогаш не ја негираше својата верба во закрепнувањето на играчот, кој сега има 34 години.
Ако успее во својата борба, Полонара ќе биде вториот кошаркар кој последните месеци излегува како победник против тешка болест. Во првите денови од новата година, српскиот интернационалец Никола Топиќ објави дека се излекувал од канцерот на тестисите и се очекува наскоро да заигра за Оклахома.


