Откако минатата недела вицешампионот Маџари го смени името во Скопје, од почетокот на оваа недела истото го направи и новиот член на Суперлигата.

Станува збор за КК Штип кој до пред 20-тина дена се викаше Соколи 1933. Како што може да се забележи во објавите на социјалните мрежи при назначувањето на новиот тренер Марјан Србиновски и засилувањата, клубот во август се претставуваше како Соколи за пред два дена да го смени логото на кое пишува само КК Штип, а на него останува соколот како заштитен знак.
Засега нема официјално соопштение од клубот за промената на името, но евидентно е дека дошло до такво нешто. Штип неодамна ги исполни условите за пополнување на испразнетото место во Суперлигата и во неа ќе игра со специјална покана, на местото на Чаир кој не доби лиценца за настап во елитната конкуренција.

Без разлика како се вика, Штип со големи амбиции влегува во својата дебитантска сезона во Суперлигата и ќе се обиде да оствари историски резултат. Првиот меч со новото име, иако неофицијален, ќе го има вечерва од 19 часот против актуелниот шампион МЗТ Скопје.


