На пет дена пред првиот и можеби најважен натпревар на македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство во 2025 година, целото внимание е насочено кон капитенот и лидер на националниот тим Војдан Стојановски.
Нашиот легендарен кошаркар се повреди на вчерашното финале од Купот на Македонија против Пелистер и се уште е нејасно дали ќе може да настапи на мечот против Естонија. Според извори во МЗТ Скопје, повеќе информации на оваа тема се очекуваат во текот на утрешниот ден кога Војдан ќе оди на снимање на повреденото место и веројатно ќе се знае точната дијагноза.
Првите прогнози се дека се работи за истегнување на задната ложа што бара мирување од десетина дена, а тоа не е добра вест за репрезентацијата. Сепак, дури и да станува збор за тоа, знаејќи го Војдан, не е исклучено да игра и во таква состојба.


