Еден од најзначајните играчи за МЗТ Скопје и македонската репрезентација Андреј Магдевски ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повреда.
Клубот од Аеродром објави дека 30-годишниот плејмејкер доживеал повреда на коленото на мечот со Тиквеш која бара подолга рехабилитација. Со оглед на тоа што до крајот на сезоната има помалку од три месеци, јасно е дека Магдевски нема да се врати на терените, а ќе ги пропушти и последните два меча на македонската репрезентација во претквалификациите за Европското првенство, кои се играат во јули.
„Снимките и лекарските прегледи покажаа дека станува збор за потешка повреда на коленото, поради која го чека повеќемесечно отсуство, што значи дека ќе го пропушти останатиот дел од сезоната“, објавија од МЗТ.
МЗТ Скопје се соочува и со други проблеми во овој период бидејќи Војдан Стојановски се повреди во Азербејџан и ќе паузира до средината на април, а слична е судбината и на Маслинко кој долго време беше во аут и се уште трпи последици.


