Лоши вести доаѓаат од Минхен. Ултразвучното скенирање покажа дека капитенот на Партизан, Вања Маринковиќ доживеал руптура на Ахилова тетива во последните минути од натпреварот против Хапоел, поради што ќе биде надвор од теренот подолго време.
Од таборот на „црно-белите“ велат дека Вања ќе биде подложен на магнетна резонанца по пристигнувањето во Белград, по што ќе биде донесена одлука за тоа како ќе се третира оваа повреда. Маринковиќ одигра еден од своите најдобри натпревари оваа сезона, помина 23 минути на теренот и погоди четири тројки од осум обиди, а имаше и три скока и една асистенција.
Капитенот се повреди во последниот напад од четвртата четвртина, додека се обидуваше да се избори за шут, но одеднаш се лизна и незгодно атерираше. Откако доби медицинска помош, на болното место беше поставен мраз, а тој користеше патерици за движење.
Маринковиќ оваа сезона во Евролигата има просек од 5,9 поени, 1,6 скока и 0,8 асистенции по натпревар. Не е исклучено синоќешниот меч против Хапоел да беше последен за него оваа сезона.


