Екипата на Валенсија оствари голем триумф на гости против Барселона, победувајќи го каталонскиот тим во финалето на АЦБ лигата со резултат 88-80, со што го врати брејкот од првиот натпревар одигран на „Роиг Арена“.
Избраниците на Педро Мартинез го контролираа поголемиот дел од натпреварот на „Блауграна“, постојано одржувајќи го водството, а во текот на третата четвртина дури и стигнаа и до предност од 18 поени разлика, па се чинеше дека домаќинот тешко може да се врати во натпреварот.
Сепак, тимот предводен од Чави Пасквал, кој наскоро ќе ја напушти клупата на Барселона, успеа да одговори со серија и да ја врати неизвесноста, пред сè благодарение на серијата од 11-0, која беше прекината од Камерон Тејлор на почетокот на последната четвртина. На средина од последниот период беше израмнето (73-73), но Барселона тука застана. Со серија од осум поени Валенсија повторно направи убава предност која сега не дозволи да биде достигната.
Клучен играч на мечот беше Жан Монтеро кој го заврши натпреварот со 29 поени, пет скока и шест асистенции. Барселона се врати во игра во минутите кога тој беше надвор од теренот за да одмори, но по враќањето, ги врати работите на своето место.
Валенсија ќе има шанса да ја заврши серијата в среда, кога се игра и четвртиот натпревар, повторно во Барселона. Моментално води со 2-1.


