Иако општо беше размислувањето дека одненадеж на генералниот менаџер на Далас, Нико Херисон му дошло на памет да го трејдува Лука Дончиќ, процесот за „ослободување“ од Словенецот почнал уште на стартот од оваа сезона.
Угледниот Атлетик открива информации дека во ноември, франшизата лажирала повреда на зглобот на Лука Дончиќ за тој да не може да игра и да пропушти голем број натпревари, а со тоа да не влезе во конкуренција за МВП на сезоната и за некоја од трите најдобри петорки. Тоа беше условот тој да добие понуда за супермакс договор кој новото раководство на Далас никогаш не планирало да му го понуди на својот најдобар играч. Станува збор за 345 милиони долари кои тој имаше право да ги добие претстојното лето, а со долгата пауза и трејдот во Лос Анџелес Лејкерс за него ќе останат само сон. Повредата на скочниот зглоб за Божиќ дојде како „кец на десетка“, но во секој случај менаџментот ќе се обидеше да го размени пред крајот на преодниот рок.
Уште на почетокот беше сомнително оправдувањето на Херисон дека Дончиќ не е во најдобра физичка состојба откако минатата сезона токму Лука го однесе Далас во првото финале по пауза од 13 години. Потоа генералниот менаџер тврдеше дека Дончиќ е трејдуван затоа што не играл одбрана, а на првиот меч без него, Мавс загубија со 43 разлика, а само во првото полувреме од тој натпревар примија 91 поен.
Засега од Далас нема демант на приказната на Атлетик дека е лажирана повредата на Дончиќ. Во НБА во тек е паузата поради Ол стар викендот, Маверикс се осми на Западот со биланс 30/26, но имаат голем повредени кошаркари и ќе им биде мошне тешко да се задржат на тоа место.


