Центарот од Зеленортските Острови, Валтер Таварес денеска го продолжи договорот со Реал Мадрид на уште пет сезони и со оглед на тоа што има 32 години, многу веројатно во редовите на шпанскиот гигант ќе ја заврши својата кариера.
За да го задржи во своите редови, актуелниот шпански првак мораше да ги собори сите рекорди, па Таварес стана најплатен играч во историјата на 11-кратниот европски шампион. Во иднина тој ќе заработува по пет милиони евра бруто годишно, сума која во Шпанија досега ја заработувал само Никола Миротиќ и тоа кога играше во Барселона. Ова значи дека Таварес потпишал договор за вкупна сума од 25 милиони евра што е невидено досега во редовите на Реал Мадрид.
Искусниот центар на крајот го доби она што го бараше бидејќи преговорите со Реал траеја безмалку цела сезона. Таварес не сакаше да отстапи од двојно зголемување на неговата плата, со оглед на тоа што претходниот договор истекуваше, а понуди за него имаше од Фенербахче, Панатинаикос и неколку НБА екипи. Од друга страна, Реал летово го загуби вториот центар Венсан Поарие кој продолжува во Анадолу Ефес, па не смееше да ризикува и со Таварес кој од своето доаѓање во 2017 година освои вкупно 14 трофеи.
Претходно, Реал го продолжи договорот со Марио Хезоња, но летово остана и без ветераните Серхио Родригес и Руди Фернандес кои се пензионираа.

