ТФТ се врати на победничките патеки во домашното првенство откако во првиот меч од осмото коло го совлада Вардар со 80-79.
Малку недостасуваше да дојде до големо изненадување бидејќи „црвено-црните“ го диктираа темпото во голем дел од мечот, но не успеаја да го зададат завршниот удар. ТФТ имаше среќа во финишот и привремено се врати на челната позиција на табелата пред дербито против МЗТ Скопје во следното коло.
Првото посериозно водство на мечот го имаше Вардар кој поведе со 32-22 по серијата од 12-0 во воведната фаза од втората четвртина. ТФТ брзо се прегрупира и до крајот на полувремето ја стигна високата негатива, па на голем одмор се замина со 42-40 за Вардар. Во третиот период поинаква слика, гостинскиот тим ја презеде контролата над резултатот и на средина од четвртина ги достигна своите највисоки +7 (53-46).
И тоа не беше доволно за да биде решен победникот, па неизвесноста остана до крајот на натпреварот. Екипите се менуваа во водство и во последните две минути се влезе со израмнет резултат (77-77). Во финишот Хотон беше два пати прецизен од линијата за слободни фрлања, на спротивната страна на ист начин одговори Марјановиќ. На 14 секунди пред крајот повторно Хотон се најде на линијата, но сега погоди само еднаш за минимална предност на ТФТ. За Вардар имаше доволно време да организира напад за победа, но домашните играчи, сепак, не успеаја да поентираат и ја испуштија најголемата шанса сезонава да стигнат до триумф.
Хотон со 18 поени беше најефикасен кај ТФТ, а Вардар не го искористи одличниот Хусеин Бајрам кој броеше до 31.


