Екипите на Вардар и Водно Санс обезбедија пласман во финалето од лигата за помлади пионери (У12) чиј завршен турнир се игра викендов во салата во Градски парк.
Вардар беше подобар од Работнички кој се избори за организацијата и полагаше големи надежи во оваа генерација. Клучна беше третата четвртина која „црвено-црните“ ја добија со 22-11 и направија предност од десет разлика во пресрет на завршните десет минути. Петрески го предводеше Вардар со 29 поени, а Димоски постигна 22, исто колку најефикасниот кај Работнички, Ѓорѓиевски.
Во второто полуфинале, Водно санс беше убедлив против Спортисимо и го совлада со 87-47. Уште по првото полувреме беше јасно како ќе се одвива овој меч бидејќи на голем одмор Водно Санс замина со предност од 42-21 за во третиот период да ја доврши работата, освојувајќи го со 27-6.
Големото финале, меѓу Вардар и Водно Санс се игра утре од 17 часот, а два часа претходно, Работнички и Спортисимо ќе се борат за бронзениот медал.


