Откако минатата недела се сретнаа во мечот за титулата во У12 лигата, екипите на Вардар и Водно Санс утре ќе се борат во уште едно финале во младинските категории.
Двете скопски екипи, познати по своите квалитетни школи и освоени трофеи, ќе водат битка за златото во У20 конкуренцијата. На завршниот турнир што се игра во Гевгелија, Вардар го победи Феникс со 82-78, а Водно Санс беше подобар од домаќинот Кожув со 84-65.
Вардар го победи Феникс и покрај тоа што на пет минути пред крајот имаше негатива од седум поени (63-70), а во последната минута се влезе со 77-72 за Феникс. Следуваше неверојатно серија од 8-0 на „црвено-црните“, иницирана од Митревски и Данев, а потоа, во пенал-завршницата подобро се снајдоа кошаркарите на Вардар кои на крајот стигнаа до победата. Младеновски беше најефикасен со 19 поени, Ѓорѓевиќ оствари дабл дабл со 17 поенни и 12 скока, а се истакнаа и Стојановски и Данев со 15, односно 14 поени.
Вториот полуфинален дуел не беше толку драматичен и таму победникот беше познат веќе по првото полувреме кое Водно Санс го доби со 44-29. Гевгеличани, кои полагаа големи надежи на оваа селекција и затоа се бореа да ја добијат организацијата на завршниот турнир, до крајот не успеаја да ја загрозат победата на Водно Санс. Најдобар играч на мечот беше Ванчов со 26 поени и девет скока, додека Букршлиев го предводеше Кожув со 25 поени.
Финалниот натпревар е на програмата утре од 18:30 часот, а од 16 е дуелот за бронзениот медал.


