Екипата на Вардар ќе има уште еден силен адут во борбата за опстанои во елитната конкуренција.
Нов играч на „црвено-црните“ е довчерашниот член на Пелистер, Џонил Фуџет кој по нешто повеќе од еден месец ја напушти Битола. Во редовите на актуелниот вицешампион дојде во паузата меѓу двете полусезони од Спартак Плевен со цел да ја засили плејмејкерската позиција, но не се наметна кај тренерот Дарко Радуловиќ.
Фуџет веќе една недела тренира со Вардар, одигра и еден пријателски натпревар, против Феникс, но денеска е официјално регистриран како нов член на овој тим откако двата клуба ги договорија условите за трансфер. Своето деби за новиот тим треба да го има претстојниот викенд во исклучително важниот дуел за опстанок, против Кожув во Кале.
Американецот е втор играч на Пелистер кој го засили Вардар во последните десетина дена. Пред него, во редовите на овој тим се пресели и репрезентативецот Амар Хот, а претходно, во составот на Александар Јованчев дојде уште еден американски интернационалец – Делазарус Кис.


