Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски ноќеска веројатно го одигра последниот натпревар во дресот на Вашингтон Стејт Универзитетот во основен дел од сезоната и можеби последен на домашен терен со оглед на тоа што плејофот за него почнува во Лас Вегас.
Кугарс на домашен терен пред повеќе од 9 илјади гледачи загубија од својот голем ривал Вашингтон со 68-74, но сепак го освоија второто место во својата конференција и оттаму ќе тргнат во плејофот. Пред натпреварот, на специјална церемонија, универзитетот им се заблагодари на своите сениори кои ја играа четвртата сезона во дресот на Вашингтон Стејт.
Меѓу нив и на Андреј Јакимовски кој е еден од најценетите кошаркари и кај навивачите и во целата заедница. На церемонијата присуствуваа и неговата мајка Билјана и брат му Грегориј. Јакимовски дополнително ќе одлучи дали ќе остане и петта сезона во тимот на Кугарс, за што постои можност или ќе побара нов предизвик во кариерата.


