Екипата на Вашингтон Стејт е елиминирана во полуфиналето од конференцискиот плејоф, но тука нема да биде крајот на сезоната за Андреј Јакимовски.
Кугарс синоќа загубија од Колорадо со 52-58 во меч во кој беа далеку од своето најдобро издание и речиси постојано во негатива иако таа не беше голема. Највисоката изнесуваше девет разлика (40-31), за на осум минути пред крајот Вашингтон Стејт да се доближи на 42-43, а на три минути и да поведе со 50-49. Сепак, во драматичниот финиш, Кугарс загубија две топки, промашија една тројка од чиста позиција и Колорадо се израдува на победата.
Андреј Јакимовски одигра 36 минути, но постигна само четири поени и оствари шест скока. Сепак, овој пораз не значи крај на сезоната за Вашингтон Стејт кој продолжува на „мартовското лудило“ затоа што беше 22. најдобар тим во НЦАА во основниот дел од сезоната. Ждрепката за плејофот ќе биде извршена утре вечер по што ќе се знае во која група ќе биде ВСУ и каде ќе игра во разигрувањето за титулата.


