Македонскиот стручњак Никола Василев ја оствари третата победа во петтиот натпревар како тренер на Арка Гдиња, но оваа е убедливо најголема во неговиот досегашен престој во Полска.
Арка, која пред 11. коло од полскиот шампионат се наоѓаше на претпоследната позиција на табелата, успеа да го совлада лидерот и досега единствен непоразен тим Анвил и тоа како гостин со 98-88. Анвил, кој е трикратен шампион на Полска, до ова коло имаше биланс 10-0 и е убедливо на првото место на табелата имајќи предвид дека на делба од втората до петтата позиција се четири екипи со биланс 7/4.
Одлучувачка беше втората четвртина која Арка ја доби со 33-19, па во натамошниот дел од мечот тимот од Гдиња водеше и со 18 поени разлика, а Анвил дури во финишот успеа да дојде на едноцифрена негатива. Најефикасен беше поранешниот играч на Црвена Звезда, Немања Ненадиќ со 23 поени.
Најважно е тоа што Василев успеа да ја тргне Арка од дното на табелата и сега е на само една победа од десеттото место на табелата кое води во плејин, а на кое во моментов се наоѓа Шлонск на Александар Јончевски.


