Екипата на Мажеикиаи славеше со 96-87 на гостувањето кај Јонава и се искачи на шестото место на табелата во литванското првенство.
Ова е трета победа во последните четири натпревари за тимот предводен од македонскиот стручњак Никола Василев, но во меѓувреме му е избришан еден триумф поради тоа што Гарѕаи банкротираше и е исфрлен од лигата, па досегашните резултати на овој тим се поништени. Вакввиот развој на настаните донесе мали проблеми за Мажеикиаи кој сезонава два пати го победи Гарѕаи, но со триумфот кај Јонава, ова е ставено во втор план и се поголеми се шансите, тимот на Василев да обезбеди пласман во плејофот. Пред да го преземе, Мажеикиаи беше на деветтата позиција на табелата и во многу лоша форма.
Единствениот пораз во последните четири натпревари, Мажеикиаи го претрпе минатата недела од најтрофејниот тим во Литванија, Жалгирис. Во следното коло, Василев со својот тим гостува кај Јувентус кој игра во одлична форма и е во серија од шест победи, но нашиот стручњак славеше против него непосредно по преземањето на Мажеикиаи и тоа како гостин, во рамките на Купот на Литванија.


