Никола Василев е еден од малкутемина македонски стручњаци кои работат во странство и тоа со доста завиден стаж.
На 40-годишна возраст, може да се пофали со речиси децениско искуство во Полска, Литванија и Бугарија, а исто толку време е селектор на младинските репрезентации и дел од стручниот штаб во сениорската селекција на Македонија. Лани оствари голем успех со У20 репрезентацијата со која го освои второто место и обезбеди пласман во А-дивизијата.
Тоа беше најава за она што се случуваше подоцна, прво замина во Бугарија, а потоа и во една од најсилните европски лиги – литванската. Неодамна за Василев заврши сезоната што беше добра можност за анализа на бурната година на професионален план.
„Лично би ја оценил оваа сезона како многу успешна. Почнав во Бугарија, во клубот Берое каде се запознав со уште една нова лига која би ја оценил како солидна и е во подем. Многу брзо ја сменив средината и се вратив во добро познатото за мене литванско првенство, во тимот на Мажеикиаи.

Мислам дека постигнаме добар резултат и пласман, со оглед на тоа што дојдов во период кога тимот имаше биланс 1-9, со комплетиран ростер. Првиот месец имавме набиен распоред, по два натпревара неделно, но полека се координиравме со тренажниот процес со екипата и влеговме во добра резултатска серија, која не донесе до топ-8“, вели Василев.
Ангажманот во Литванија не беше прв за него во кариерата. Пред да се врати во Македонија, тој беше прв тренер на Џукија и помошник во Ритас, па одлично го познава тамошното првенство.
„Можам да кажам дека лигата од сезона во сезона е се поквлаитетна и попрофесионслна, а секако би ја вброил во топ 5 европски првенства.
Токму затоа, сметам дека ги исполнивме очекувањата на клубот бидејќи влеговме во плејофот. Во четвртфиналето се сретнавме со Жалгирис кој секако беше голем фаворит и моментално игра во финалето“, додава Василев.


