Денеска во Битола на програмата се полуфиналните дуели од Купот на Македонија „Благија Герогиевски Буштур“.
Во првиот меч се среќаваат вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје кои играат од 17 часот. Овие две екипи се судрија пред 20-тина дена во домашното првенство и тогаш славеше Работнички што беше прва победа на тимот од Градски парк против МЗТ Скопје по безмалку три години. Четата на Самарџиев се наоѓа во серија од осум победи во сите натпреварувања и е без пораз од 2 декември 2023 кога загуби од Феникс.
Слична е атмосферата во МЗТ Скопје кој по лошиот старт на годината, успеа да ја крене својата форма и победи на последните шест меча во сите натпреварувања. Аеродромци имаат играчи кои добро знаат како се победува на вакви натпревари. Последен пат, МЗТ Скопје и Работнички во Купот се сретнаа во 2021 година и тоа во финалниот меч во кој триумфираше тимот од Аеродром.

Подеднакво интересно се очекува да биде и во вториот дуел од полуфиналето во кој се среќаваат домаќинот Пелистер и Еуро Никел. Битолчани пред својата публика ќе го брка своето второ финале во Купот, прво по пауза од 15 години откако во 2009 стигна до мечот за титулата и загуби од Амак СП.
Еуро Никел има два триумфа во Купот, но последниот е остварен пред повеќе од една деценија. Адут на кавадарчани е тоа што неодамна го победија Пелистер пред неговата публика, а и покажаа дека се сериозен состав кој може да им ги помати сметките на „фаворитите“. Натпреварот меѓу Пелистер и Еуро Никел се игра од 19:30 часот.


