Македонската кошарка вечерва е во знакот на најголемото домашно дерби. МЗТ Скопје и Работнички ќе ги одмерат силите во „Јане Сандански“ во натпревар кој носи голем резултатски, но и престижен влог за двата најтрофејни скопски ривали.
Работнички во дербито влегува како лидер на табелата со максимален ефект од шест победи во шест натпревари, додека МЗТ Скопје досега забележа пет победи и еден пораз. Тоа му дава дополнителна тежина на вечерашниот дуел, бидејќи актуелниот шампион ќе има можност да му го нанесе првиот пораз на градскиот ривал и да му ја преземе челната позиција.
Досегашните резултати покажуваат дека двата тима имаат сериозен напаѓачки потенцијал. Работнички на шесте одиграни средби постигна 511 поени, односно просечно повеќе од 85 по натпревар. МЗТ, пак, има 468 постигнати поени, но досега прими помалку кошеви од својот ривал – 423 наспроти 464.
Интересна е и статистиката од последните меѓусебни пресметки, во кои МЗТ има резултатска предност. Последниот дуел, одигран на 29 март годинава, им припадна на „сино-белите“ со 97-93, по продолжение. Претходно, МЗТ славеше убедливо со 100-69, а во декември 2025 година беше подобар од Работнички и на гостински терен со 90-72. На последните 16 меѓусебни пресметки, МЗТ има дури 15 победи.
Сепак, дербито секогаш носи посебна приказна и досегашните резултати не мора да значат ништо кога ќе започне натпреварот. Работнички има максимален биланс и мотив да ја продолжи победничката серија, додека МЗТ ќе ја бара поддршката од своите навивачи за да му нанесе прв пораз на ривалот. Одамна не се случило Работнички да влезе во вечното дерби како лидер на табелата во поодмината фаза од првенството.
Дополнителна најава за вистински кошаркарски спектакл е и големото ривалство меѓу двата клуба, кое со децении ги исполнува трибините и носи посебна атмосфера во македонската кошарка.
Вечерашниот натпревар започнува во 19:00 часот во салата „Јане Сандански“.


