Денеска од 19 часот во „Јане Сандански“ се игра големото дерби на македонската кошарка, меѓу МЗТ Скопје и Работнички.
„Дерби“ остана како епитет за пресметката на двата најтрофејни клубови во земјава иако последните години воопшто не е така. Веќе деценија и пол МЗТ Скопје е суверен во македонската кошарка, додека Работнички не само што каска, туку во прашање му е доведена и егзистенцијата во суперлигашкото друштво. Како никогаш досега, постои реална опасност тимот од Градски парк да испадне во понизок ранг бидејќи по 20 кола се наоѓа на делба на деветтата позиција, а сезонава од елитата испаѓаат три екипи.
Разликата во квалитетот се гледа и во меѓусебните дуели бидејќи МЗТ Скопје се наоѓа во серија од шест победи против Работнички, а тимот од Градски парк има само еден триумф во последните пет години, односно во последните 15 пресметки. Само оваа сезона, аеродромци во двата меча (еден во првенството и еден во Купот) славеа со вкупна разлика од 49 поени.
Денешниот меч, сепак, има дополнително значење за двете екипи. МЗТ Скопје води грчевита борба со ТФТ за првото место пред плејофот, додека Работнички се бори за опстанок. И едните и другите имаат големи мотиви да слават затоа што со тоа ќе си ги продолжат надежите за остварување на своите амбиции.
Шампионот е десеткуван со неиграњето на тројца стандардни првотимци: Војдан Стојановски, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, проблем кој најдобро се виде на претходното гостување кај Кожув кога МЗТ Скопје го доживеа првиот пораз на терен оваа сезона. Работнички, од друга страна, е комплетен, ама тешко дека може да се каже такво нешто за тим со само осуммина сениори во својот состав. Филип Наков нема тешка повреда и ќе му биде на располагање на Владимир Мирковски, а на претходниот меч со МЗТ Скопје покажа дека може да биде од голема важност за екипата.


