Дочерашниот член на стручниот штаб на МЗТ Скопје, Никола Велев во новата сезона ќе го има својот прв интернационален предизвик, но и прва можност да биде главен тренер на една екипа.
Тој заминува во Романија каде ќе го води новоформираниот клуб Тарговиште во тамошната Втора лига. Со тоа ќе го зголеми бројот на македонски стручњаци кои работат во странство и ќе има можност дополнително да се развива.
Досега, 33-годишниот стручњак работеше како асистент во неколку македонски клубови копга станува збор за сениорска конкуренција. Почна во Вардар, потоа се пресели во МЗТ Скопје од каде замина во 2021 година и се пресели во ТФТ. Лани се врати во Аеродром, но помина само една година, пред да одлучи да го прифати новиот предизвик и да почне нова епизода во својата тренерска кариера. Покрај клупскиот ангажман, тој е и дел од стручниот штаб на македонската репрезентација, предводена од Александар Јончевски. Клубовите и тренерите со кои соработуваше досега беа полни со комплименти за работата на Велев за кого тврдат дека детално и темелно ги извршува своите обврски и има голем придонес за резултатите на екипите.
Велев е втор член на стручниот штаб на МЗТ Скопје од минатата сезона кој ги напушти редовите на актуелниот македонски шампион. Пред него си замина и Миодраг Тодоровиќ кој ќе го води Маџари, па од асистентите останаа само Тино Даневски и Дејан Србиновски, покрај шефот Васко Атанасов.


