Репрезентацијата на Црна Гора испушти огромна да се пласира во осминафиналето од Европското првенство откако попладнево загуби од Велика Британија со 83-89 во последното коло од групната фаза.
Откако пред два дена ја победија Шведска, на Црногорците им беше потребен каков било триумф за да го освојат четвртото место, а немаше подобар ривал за такво нешто од Велика Британија која се наоѓа во серија од 15 порази на европските првенства, низа која почна уште во 2013 година. Британците имаа теоретски шанси да поминат, но им требаше победа од 33 поени разлика која на крај не успеаја да ја достигнат, па со себе, кон амбисот го повлекоа и својот денешен ривал.
Црна Гора добро го почна натпреварот, рано поведе со осум разлика (16-8), но како одминуваше времето, ја губеше рутината и во вториот период веќе имаше седум поени негатива (38-45). Безмалку цело второ полувреме мина во доминација на Британците кои речиси постојано беа во водство, но Црногорците во последната четвртина направија серија од 8-0 и поведоа со 81-80, на помалку од две минути пред крајот. Велика Британија одговори со пет поени по ред, повторно ја презеде контролата над резултатот и потоа успеа да го сочува водството за конечна победа.
Црногорската репрезентација може да жали бидејќи го имаше фантастичниот Никола Вучевиќ кој постигна 31 поен, 11 скока и 7 асистенции за индекс 40, но ниеден од останатите кошаркари не беше ни блиску до него и тој не ја доби потребната поддршка. Мајлс Хенсон ја предводеше Велика Британија со 25 поени, а два помалку постигна Акваси Јебоа.


