Тукушто влезе во победничка серија, екипата на Реал им се врати на поразите откако вечерва загуби на гостувањето кај Олимпијакос.
Грчкиот вицешампион славеше со 79-69, но на средина од последната четвртина имаше само два поена предност (67-65). Во клучните моменти се разиграа Александар Везенков и Шекил Мекисик кои постигнаа 10 од последните 12 поени на својот тим и Олимпијакос дојде до триумфот кој им беше исклучително значаен по поразите од Баерн и Панатинаикос.
Везенков беше убедливо најдобар кошаркар на натпреварот со 23 поени и 8 скока, а го следеше Мекисик со 15 поени и 9 скока. Кај Реал, Хезоња постигна 15 поени, но потфрлија дел од главните играчи, пред се Таварес кој за 32 минути постигна само шест поени и шест скока.
Ова беше петти пораз за Реал оваа сезона на гостински терен, сметајќи ги сите натпреварувања. Во Евролигата ги загуби сите три меча (Баерн, Басконија и Олимпијакос), а во домашното првенство беше совладан од Ла Коруња и Билбао.


