Кошаркарскиот клуб Скопје (до минатата сезона Маџари) нема да биде дел од АБА 2 лигата во натпреварувачката сезона 2026/27.
АБА лигата денеска ги информира клубовите кои учествуваат во натпреварувањето дека скопскиот клуб се повлекува, а Собранието на АБА лигата на состанокот одржан на 10 септември донело одлука по овој потег, испразнетото место да не биде пополнето со друга екипа. Тоа значи дека сезоната во АБА 2 лигата ќе продолжи со преостанатите клубови, со задржување на утврдениот систем на натпреварување, составот на групите и распоредот на натпреварите, а интересно е тоа што групата А, во која требаше да биде Скопје ќе брои само три екипи, додека групата Б, во која е ТФТ – пет. Другите две имаат по четири члена.
Од АБА лигата дополнително појаснуваат дека одредбите од интерните акти со кои е утврден системот на натпреварување нема да се менуваат поради повлекувањето на Скопје. Воедно, сите натпревари кои македонскиот вицешампион требаше да ги одигра според првично утврдениот распоред нема да се играат, ниту пак ќе бидат регистрирани со службен резултат.
Настапот во АБА 2 лигата беше шанса Скопје да дебитира на меѓународна сцена, но на тоа, сепак, ќе почека барем до идната година.


