Тројниот последователен вицешампион на Македонија, Пелистер го договори петтото засилување за новата сезона.
Во битолскиот тим се сели репрезентативецот Димитар Пандев кој минатата натпреварувачка кампања ја помина во тимот на Кожув. Крилниот центар треба да биде уште едно засилување под кошевите за составот на Пелистер кој со големи амбиции ја очекува и новата сезона. Во редовите на вицешампионот, Пандев ќе работи со Александар Петровиќ кој му беше тренер и во МЗТ Скопје со кого освои двојна круна во сезоната 2022/23.
Пред Пандев, Пелистер ги договори Бобан Стајиќ, Виктор Ташовски, Андрија Бојиќ и Брајан Антоан. Битолчани ќе се обидат во новата сезона конечно да го освојат првиот трофеј во својата историја, а во исто време да остварат што подобар пласман во АБА 2 лигата каде ќе се натпреваруваат четврта година по ред.


